Поранешниот шампион во тешка категорија, Ентони Џошуа го нарече својот британски сонародник, легендарниот Ленокс Луис „кловн“ откако тој ги критикуваше неговите подготовки пред шокантниот пораз од Енди Руиз Јуниор во Њујорк.
Луис останува последниот британски апсолутен шампион во тешка категорија, а по нокаутот кој го доживеа Џошуа изјави дека „не можам да избегам од впечатокот дека Еј Џеј не беше доволно подготвен“.
Џошуа одговори дека двајцата се „направени од различни состојки“ и го нарече човекот кој ги победуваше Мајк Тајсон и Ивандер Холифид „кловн“.
„Ленокс е вистински кловн. Не можам да почитувам таков човек. Јас и тој не сме исти. Мојата приказна е да седам и да дозволам новата генерација да дојде и да не се мешам. Знам колку е тешко да се дојде до врвот. Ленокс не е таков и тој само сака да се меша“, изјави Џошуа.
Џошуа треба да боксува со Руиз во ри-меч во Саудиска Арабија на 7 декември, иако од кампот на Мексиканецот одбиваат ваков дуел и сакаат нов меч во САД.