Top Sport

Федерер е пред голем пад на АТП листата, ќе загуби десетина позиции

Швајцарскиот тенисер Роџер Федерер одигра само 13 меча годинава, но и понатаму се наоѓа меѓу 10-те најдобри светски тенисери, моментно е на 9-тата позиција.

Освојувачот на 20 грен слем титули нема уште долго да биде меѓу привилегираните тенисери, барем кога станува збор на ранг листата. Правилата во наредните недели престануваат да го штитат Швајцарецот кој, според информациите, наскоро ќе го доживее најголемиот пад во последните 20 години.

Федерер мораше многу рано да ја заврши сезоната, па очекувањата се дека до крајот на 2021. година ќе испадне од првите 20 на АТП листата што последен пат беше случај во 2001 година.

Веќе наредната недела ќе падне на 10-тата позиција, пред него ќе излезе Каспер Руд затоа што на Федерер му се бришат 480 бодови.

„Во врат му дишат“ Феликс Оже-Алијасим и Хуберт Хуркач од кои ќе има помалку од 100 поени предност.

Освен бодовите од Индијан Велс, Федерер наскоро ќе загуби и 500 бодови од Базел и 400 поени од Завршниот мастерс.

Останува да се види дали легендарниот тенисер ќе биде подготвен наредната година да се врати во врвот на светскиот тенис.

Scroll to Top