Top Sport

Федерер-експрес кај мажите, првите осум носителки во аут кај жените!

Роџер Федерер е на добар пат да срушни еден од неговите рекорди, откако се пласираше во четврт-финалето на Вимблдон без да загуби сет по 6:0/7:5/6:4 победата над Французинот Адријан Манарино на „Централниот терен“.

Федерер има 32 освоени сетови во низа во Лондон и со уште едена победа без загубен сет против Гаел Монфис или Кевин Андерсон во следното коло, тој ќе го сруши сопствениот рекорд од 34 сета поставен од третото коло во 2005 и финалето во 2006. И тоа од човек кој е блиску до својот 37. роденден.

Швајцарецот го освои првиот сет за само 16 минути, во еден момент освојувајќи 13 поени во низа, а неговиот сервис изгледаше речиси непобедливо. Но, Манарино направи нешто што на другите три противници досега не им успеа – заработи брејк поен на сервис на Федерер, но, не го освои брејкот. Апсолутно неверојатно!

Од друга страна, кај дамите, Кики Бертенс ја комплетираше елиминацијата на првите осум носителки, откако со 6:3/7:6(1) ја совлада Чехинката Каролина Плишкова за пласман во четврт-финалето.

Бертенс, која е првата Холанѓанка со пласман меѓу најдобрите 16 по Михаела Крајичек во 2007 година, претходно ја елиминираше и Венус Вилијамс, а против Плишкова, седма носителка на турнирот, беше упорна и импресивна. Следна за Бертенс е Германката Јулија Гергес, која со 6:3/6:2 ја совлада Хрватката Дона Векиќ.

Поранешната финалистка, Германката Анџелике Кербер, пак по четврти пат е во четврт-финалето откако со 6:3/7:5 ја совлада Швајцарката Белинда Бенчич, од која пред овој меч имаше 3 порази без освоен сет. Кербер, која како 10. на ВТА листата е највисокорангираната тенисерка во ждрепката ќе игра или со Русинката Дарја Касаткина или со Белгијката Алисон ван Ујтванк.

Фото: ЕПА

Scroll to Top