Роџер Федерер по спориот старт на Вимблдон, полека влегува во форма, откако се пласираше во четврт-финалето по убедливата 7:5/6:4/6:2 победа над Италијанецот Лоренцо Сонего. Следен за швајцарскиот „Маестро“ ќе биде подобриот од мечот помеѓу Русинот Данил Медведев и Полјакот Хуберт Хуркач, кој беше прекинат при водство од 2:1 на Медведев поради дождот.
Оваа победа доаѓа откако Швајцарскиот олимписки комитет потврди дека 39-годишниот ветеран ќе оди и на Олимпијадата во Токио, каде што ќе се бори за единствената голема титула која му недостасува, олимписко злато во сингл. Федерер, заедно со Стен Вавринка, веќе го освои олимпиското злато во двојки во Пекинг во 2008 година, пред во 2012 година да загуби во големото финале во сингл во Лондон, на терените на Вимблдон, од Шкотланѓанецот Енди Мареј.
Straight sets, straight into his 18th #Wimbledon quarter-final… @rogerfederer beats Lorenzo Sonego 7-5, 6-4, 6-2 to reach the last eight on Centre Court pic.twitter.com/G8VDVyR0XX
— Wimbledon (@Wimbledon) July 5, 2021
Феликс Оже-Алијасим ја преживеа битката во пет сета за да влезе во четврт-финалето на Вимблдон по 6:4/7:6(6)/3:6/3:6/6:3 победата над четвртиот носител Александер Зверев за да му се приклучи на својот сонародник Денис Шаповалов меѓу осумте најдобри тенисери на гренд слемот.
20-годишниот Оже-Алијасим ги освои првите два сета, но Зверев успеа да се врати и да примора петти сет, во кој Канаѓанецот направи веднаш брејк, пред мечот да биде стопиран поради дождото во Лондон за поставување на покривот на „Теренот број 2“. Зверев се врати за да поведе со 3:2 по паузата, но Оже-Алијасим се врати со четири гема во низа за да обезбеди прво гренд слем четврт-финале во кариерата каде што ќе се сретне со Италијанецот Матео Беретини.
Со неговиот пласман првпат во историјата двајца канадски тенисери се во четврт-финалето на ист гренд слем, откако Денис Шаповалов го совлада осмиот носител Роберто Баутиста Агут и ќе игра со Русинот Карен Хачанов во четврт-финалето.