Top Sport

Федерер и Серена остануваат без рејтинг по Вимблдон

Легендите на светскиот тенис, Роџер Федерер и Серена Вилијамс, по завршувањето на Вимблдон ќе останат без рејтинг. Ова ќе се случи поради одлуката на АТП и ВТА, овогодинешниот Вимблдон да не се бодува за листите, а да се одземат бодовите од ланското издание на турнирот.

Пред една година, Серена беше елиминирана во првото коло, кога и го предаде мечот на Александра Саснович при резултат 3:3. Оттогаш таа не се врати на теренот.

Роџер беше поуспешен, стигна до четвртфиналето на Грен слем турнирот во Лондон, но загуби од Хуберт Хуркач. Тоа му беше последниот меч што го одигра потоа замина на операција.

Кога на Вилијамс и Федерер ќе им се одземе овој последен контингент бодови пред почетокот на Вимблдон, и двајцата ќе паднат на нула и ќе останат без место на светските листи.

Додека за Серена нема информации дали воопшто планира да се врати на терените, Федерер најави дека ќе игра на турнирот во родниот Базел кој е закажан за октомври.

Швајцарецот наводно планира уште еднаш да игра на Вимблдон, неговиот најуспешен Грен слем, но и доколку се појави оваа година, сигурно нема да добие бодови за евентуалните победи, па тоа нема да влијае на ситуацијата на АТП листата.

Серена освои 23, Роџер 20 Грен слем трофеи во кариерата, тие се меѓу најуспешните тенисери на сите времиња, но за два месеци можеа да „не постојат“ на светските листи иако официјално се уште не се во пензија.

Scroll to Top