Роџер Федерер е подготвен за враќање во акција, на Мастерс турнирот во Шангај, признавајќи дека во овој дел од неговата кариера, тој е подготвен да игра само на големите турнири.
19-кратниот гренд слем шампион, кој победи во Шангај во 2004 година, нема играно на официјален турнир од поразот во четврт-финалето на УС опен во септември.
„Сега играм само на големите турнири. Тренирав напорно на Централниот терен и тука со јасна причина, која е освојување на титулата“, вели Федерер.
Тој ќе игра со Диего Шварцман или австралискиот квалификант Џордан Томпсон во второто коло. Швајцарецот признава дека е воодушевен од сезоната во која освои две гренд слем титули.
„Не можам да бидам посреќен од оваа сезона. Среќен сум што сум тука со можност да освојам уште една титула“, вели Федерер, кого на тренингот во Шангај го пречекаа илјадници бучни кинески фанови.
Негов прв ривал на најголемиот кинески турнир повторно ќе биде Рафаел Надал, кој пристигнува во Шангај со титулата од Кина опен во Пекинг, откако во неделата го победи Ник Кирјиос за шести трофеј во 2017.
Федерер има 93 сингл титули, една помалку од Иван Лендл на второто место на вечната листа. Американецот Џими Конорс е рекордер со 109 трофеи.