Роџер Федерер нема да подлегне на уцени на „Космос“ и Жерард Пике, откако швајцарскиот освојувач на рекордни 20 гренд слем титули откри дека организаторите на новиот Дејвис куп му дадоа само три дена да одлучи дали ќе настапи на контроверзното натпреварување.
Пред денешното финале на домашниот Свис индорс во Базел (каде што ќе игра со романскиот квалификант Мариуш Копил), светскиот рекет број 3 вели дека невозможното кратко време било неприфатливо.
„Ми оставија само три дена да одлучам. Немав време ниту да се консултирам со моите советници. Не можев да направам одлука и им кажав да прават што сакаат“, вели Федерер.
Ветеранот е еден од најострите критичари на новиот модел за натпреварување во Дејвис купот со кој ќе има 18 нации во финале од 18 до 24 ноември во Мадрид следната година. Главен креатор на натпреварувањето е „Космос“, компанијата на ѕвездата на Барселона, Жерард Пике, која вети 3 милијарди долари во следните 25 години.
Новак Ѓоковиќ исто така објави дека ќе го „прескокне“ Дејвис купот за да му даде шанса на новото натпреварување на АТП, Светскиот тимски куп во јануари 2020 во Австралија.
„Ова е натпреварување за следната генерација на тенисери“, изјави неодамна Федерер.