Актуелниот шампион од Вимблдон, Роџер Федерер лесно влезе во третото коло на Вимблдон по убедливата 6:4/6:4/6:1 победа над Словакот Лукаш Лацко за само час и половина за трета победа во исто толку дуели на гренд слем турнирите против овој противник, и тоа без загубен сет.
Ова беше 334. победа на гренд слем турнир за Федерер и 93. на Вимблдон во само 104 меча. Покрај тоа, тој сега има 26 последователни освоени сетови на Вимблдон, осум помалку од сопствениот рекорд од 2005 и 2006 година.
Покрај тоа, ова е 174. победа на трева на големиот Швајцарец, со што го израмни рекордот на Американецот Џими Конорс и обезбеди дуел со Иво Карловиќ или Јан-Ленард Штруф во третото коло.
„Мислам дека повторно играв навистина добро. Се чувствував одлично, со многу помалку нервоза. Лукаш игра добро на трева и знаев дека морам да бидам внимателен, но играш толку добро колку што противникот ќе ти дозволи“, изјави Федерер.
Во третото коло е и поранешната петкратна шампионка, американскатата ветеранка Венус Вилијамс, откако се врати од сет негатива за 4:6/6:0/6:1 победа за нешто помалку од два часа на „Теренот број 1“. Ова е 18. пат во кариерата, 38-годишната Венус да стигне до третото коло на нејзиниот омилен турнир.
„Најважно е да се победи, а не е важно како си играл ако си во наредното коло“, вели Венус, која сега ќе игра или со Кики Бертенс.
Чехинката Каролина Плишкова првпат во кариерата влезе во третото коло на „Ол Ингланд клубот“ по рутинската 6:3/6:3 победа над двократната гренд слем шампионка, Белорусинката Викторија Азаренка. Плишкова губеше во второто коло во претходните пет настапи на Вимблдон.
Фото: ЕПА