По изненадувачкиот пораз од Кеи Нишикори во првиот меч на АТП финалето во Лондон (и откако Јапонецот денеска доживеа катастрофа од Кевин Андерсон), Роџер Федерер се врати на вистински пат со лесна 6:2/6:3 победа над потпросечниот Доминик Тим.
Ако фановите во „О2 арената“ во Лондон очекуваа еднаква борба за пласман понатаму, посебно бидејќи и двајцата тенисери доживеаја порази во првите мечеви, тогаш останаа разочарани. Но, бидејќи повеќето беа фанови на Федерер, тие секако ќе бидат задоволни што Швајцарецот, и на 37 години, може да одигра ваква лесна партија.
Сега, Федерер во директна пресметка со Јужноафриканецот Андерсон, кој ја игра најдобрата сезона во својата кариера, ќе одлучува за место во полуфиналето и можно избегнување на Новак Ѓоковиќ. Андерсон има 2-0 скор, Федерер и Нишикори 1-1, додека Тим има очајни 0-2.
Фото: ЕПА