Top Sport

Федерер со тениска лекција за Медведев, Халеп блиску до првото место

Данил Медведев е еден од најдобрите млади тенисери од кого се очекува во иднина да се бори за гренд слем титули, но на „Хард рок стадионот“ во Мајами во средата доби вистинска тениска лекција од Роџер Федерер, кој со 6:4/6:2 победа се пласираше во четврт-финалето на Мастерс 1000 турнирот.

Во првиот сет, Русинот пружи делумен отпор, но не можеше да го сруши сервисот на 37-годишниот ветеран, но во вториот сет, Швајцарецот доминираше со својата игра и стигна до победа по нешто повеќе од еден час игра, трета победа во третиот меч со Русинот.

Федерер имаше 22 директни победнички топки и само 8 неизнудени грешки за да обезбеди дуел со шестиот носител, Јужноафриканецот Кевин Андерсон.

Кај дамите, Романката Симона Халеп по вторпат е во полуфиналето на турнирот и останува на добар пат да се врати на првото место на ВТА-листата во понеделникот, откако со 6:4/7:5 ја победи 18. носителка, Кинеската Кијанг Ванг.

Халеп во мечот од час и 37 минути загуби речиси половина од поените на свој сервис и дури пет брејка, но затоа беше многу подобра на сервис на противничката, откако Кинеската имаше 5:1 водство и три сет-топки во вториот сет.

Халеп во полуфиналето ќе ја чека подобрата од чешкиот дуел меѓу тениската надеж Маркета Вондроушова и Каролина Плишкова. Во второто полуфинале ќе играат 12. носителка, Австралијката Ешли Барти и Естонката Анет Контавеит.

Scroll to Top