Роџер Федерер остана на добар пат да ја освои по 10-ти пат титулата од Гери Вебер опен во германскиот Хале, откако повторно преживеа тест во три сета за на крајот да го победи Роберто Баутиста Агут.
Федерер, по вчерашниот тежок тест против Жо-Вилфрид Цонга, го освои првиот сет за само 29 минути, но Шпанецот се врати со импресивен втор сет, за на крајот да потклекне по неполни 2 часа игра со 6:3/4:6/6:4.
Швајцарскиот „Маестро“ за пласман во финалето на неговиот омилен подготвителен турнир на трева ќе игра со Французинот Пјер-Иг Ербер, кој влезе во полуфиналето откако го освои првиот сет со 7:5 против актуелниот шампион, Хрватот Борна Чориќ, кој се повлече поради повреда. Во второто полуфинале утре ќе играат Италијанецот Матео Беретини и Белгиецот Давид Гофан.