Во нивниот четврти меч во 2017 и 38. во кариерата, Роџер Федерер по петти пат едноподруго го победи Рафаел Надал за да ја освои својата 27. Мастерс 1000 титула и неверојатниот 94. трофеј во кариерата, совладувајќи го Шпанецот за само 72 минути со 6:4/6:3 во финалето во Шангај.
Ова беше нивни трет меч во Кина, откако во 2006 и 2007 Роџер го победи својот голем ривал за титулата на Мастерс купот (сегашното АТП-финале), а сега на еден од најбрзите тврди терени на турнејата доминираше од почеток до крај за победа над светскиот број 1.
Федерер не направи речиси ниту една грешка, држејќи го Надал далеку од неговата „удобна зона“ и приморувајќи го Шпанецот да се брани од незгодни позиции. Надал немаше одговор на сервис на Федерер.
Ова е шеста титула во 2017 година за Швајцарецот, а сега со 94 трофеи е на второто место на вечната листа израмнет со Иван Лендл, и само со легендарниот Џими Конорс пред него. Покрај тоа, со 1.000 освоени поени, тој останува во игра за првото место на АТП-листата на крајот на годината, со 1.940 поени заостанување зад Надал со 3.000 поени за освојување до крајот на сезоната.
„Не размислувам за првото место, туку само сакам да го сочувам здравјето. Одам дома во Швајцарија и ќе одлучам дали ќе играм во Базел и Париз. Најголемиот фокус сега е финалето во Лондон и победата таму. Не сум го победувал толку често Рафа на земја, но секоја победа е многу слатка“, изјави Федерер.