Поранешниот светски шампион во тешка категорија, Тајсон Фјури најави дека е блиску до договор со неговиот сонародник и актуелен носител на појасите, Ентони Џошуа.
Фјури го победи Владимир Кличко во ноември 2015 година во Диселдорф, но потоа следуваше низа откажувања на ри-мечот, и на крајот одземање на боксерската лиценца во октомври 2016 година откако во интервју призна дека користел кокаин за да се справи со депресијата. Тој треба да добие дозвола за враќање од Британскиот боксерски совет (БББЦ) пред било каков кам-бек.
„Би сакал да го добиеме тој меч. Да го направиме најголемиот меч во британската боксерска историја. Да го вклучиме и Ленокс Луис. Зошто да не и Френк Бруно. Еј Џеј-Фјури, тоа е планирано“, изјави Фјури.
Претходно, Фјури му прати порака на Џошуа преку Твитер со кратко: „Ќе те нокаутирам“, а го коментираше и стилот на Џошуа во мечот со Такам.
„Ако тој се обиде да се игра Мајк Тајсон со мене, тогаш јас ќе го преземам стилот на Мухамед Али и ќе го победам силеџијата“, додаде Фјури.
@anthonyfjoshua @LennoxLewis @frankbrunoboxer @SkySportsBoxing @BTSportBoxing @HBOboxing @ShowtimeBoxing pic.twitter.com/cYpYtYh23H
— TYSON2FASTFURY (@Tyson_Fury) October 31, 2017
Самиот Џошуа откри дека неговиот промотер Еди Херн преговарал со Фјури за можен дуел.
„Му посакувам многу среќа да мине низ тоа што поминува, бидејќи треба да го видиме назад во рингот. Еди разговараше со неговите луѓе и се понуди да помогне. Ова е меч, кој можеби по подолго време, ќе се случи“, изјави Џошуа.