Тајсон Фјури ќе може да ја продолжи својата боксерска кариера откако прифати двегодишна суспензија, која ќе се смета од 13 декември 2015 година.
Поранешниот светски шампион, кој е непоразен во рингот, заедно со својот братучед Хјуи Фјури, беа под истрага на Британската анти-допинг агенција (УКАД) од јуни 2016 година откако Хјуи беше позитивен на нандролон во 2015 година. Фјури беше позитивен на кокаин во септември 2016 година.
„Тајсон и Хјуи Фјури веќе ја отслужија суспензијата, која се смета од 13 декември 2015 година и завршува на 12 декември 2017 година“, се вели во известувањето на УКАД.
Фјури нема боксувано речиси две години, откако го шокираше Владимир Кличко за титулите во тешка категорија во Диселдорф во декември 2015 година. По низата откажувања на ри-мечот, дојдоа психолошките проблеми и признанието дека земал кокаин, по што му беше одземена боксерската лиценца. Сепак, дури и промотерот на Ентони Џошуа, Еди Херн најави дека би сакал да види британски мега-дуел со Фјури.