Top Sport

Фјури тргнува по своите титули во тешка категорија

Поранешниот апсолутен шампион во тешка категорија, Тајсон Фјури се спореди со риба пуштена во река пред враќањето во рингот во сабота во Манчестер.

29-годишниот Британец нема меч откако ги освои ИБФ, ВБА и ВБО титулите на Владимир Кличко со импресивна победа на поени во ноември 2015 година, и ќе боксува со 39-годишниот Албанец Сефер Сефери, боксер со потекло од Гостивар, но базиран во Швајцарија во „Манчестер арената“.

„Воопшто не сум нервозен. Се чувствував како златна рипка во аквариум, заробен, а сега ме пуштаат назад во реката каде што припаѓам“, вели Фјури.

По мечот со Кличко, Фјури двапати се повредуваше и го откажуваше ри-мечот, по што призна дека има ментални проблеми и дека користел кокаин. Во 2016 тој ја загуби лиценцата поради признанието за користење на недозволени средства, по што признава дека имал 170 килограми, пред да се врати на околу 125 пред саботниот меч.

„Не се сеќавам дека некогаш сум се чувствувал подобро од сега. Сега сум поостар, побрз и со поголема моќ и желба за победа. Претходно, кога бев светски шампион, веќе не бев вљубен во боксот. Не е тајна дека воопшто не ми беше грижа. Како да бев оженет предолго време. Но сега љубовта е голема, повторно тука е оганот. Ќе го видите најдобриот Тајсон Фјури досега“, додава Британецот.

Сефери, кој поголемиот дел од кариерата боксува во крузер категорија, има 23-1 скор со 21 нокаути и влегува како аутсајдер во дуелот.

Scroll to Top