Поранешниот шампион во тешка категорија, Тајсон Фјури влезе во остар напад на британскиот ривал Ентони Џошуа по неговиот шокантен пораз од Енди Руиз Јуниор минатиот викенд во Њујорк.
Руиз, иако беше повикан како замена за Џерел Милер (кој падна на допинг-тест), четири пати го прати на подот Џошуа за нокаут во седмата рунда и преземање на ВБА, ВБО, ИБФ и ИБО титулите во средна категорија. Фјури прво по мечот беше смирен во реакцијата, но сега се потсмеваше со перформансите на Џошуа.
„Можете да замислите, да сте граден како Адонис, изделкан во камен, и доаѓа мало дебело човече кое ги изело сите ’Сникерс’ во Калифорнија и те утепува? Каква срамота. Да сум јас на негово место не би се појавувал веќе во јавност“, вели Фјури за „ЕСПН“.
Промотерот на Џошуа, Еди Херн, потврди дека во договорот за меч со Мексиканецот Руиз има клаузула за ри-меч и дека тој ќе се случи на крајот на годината. Фјури пак, кој се враќа во рингот против Том Шварц овој месец, пред ри-меч со Дионтеј Вајлдер, вели дека Руиз ќе го добие и ри-мечот.
„Стилот на Џошуа и на Руиз се некомпатибилни и Енди повторно ќе го победи. Кога го видов Џошуа во рингот, знаев дека не сака да е таму, дека размислува за некои други работи. Се виде од првата рунда“, додава Фјури.
„Дебелкото“ Руиз го нокаутираше неприкосновениот Џошуа (видео)