Top Sport

Фојц чекаше цела кариера, па го освои Кицбил двапати во еден викенд!

Беат Фојц по вторпат триумфираше на спустот во Кицбил за само два дена, откако во неделната трка на славната патека Штрајф ги совлада Французинот Жоан Клареј и Австриецот Матијас Маер за фантастичен викенд во австриските Алпи.

33-годишниот Швајцарец претходно четири пати беше второпласиран во Кицбил, каде што се вози „кралот“ на спустовите, за сега два дена по првата победа во петокот да стигне до нов триумф. За разлика од петокот, кога беше сончево на Штрајф, организаторите имаа проблеми со облачното време и густата магла на стартот на патеката, предизвикувајќи 10-минутна пауза во која токму Фојц беше на стартната куќичка.

Ова е 12. победа во спуст од Светскиот куп за Фојц, со што се израмни со сонародникот Дидие Куш и Италијанецот Кристијан Гедина, а исто така беше и 38. подиум во спуст во СК, со што е израмнет на третото место на вечната листа.

За одбележување е и второто место на Клареј, кој стана најстариот освојувач на подиум во спуст во историјата со своите 40 години.

Супер-џи трката, која беше закажана за денеска ќе се оддржи утре наутро.

Scroll to Top