Колекционерите на спортски реквизити, имаат можност да наддаваат за патиките на Новак Ѓоковиќ, направени во чест на Ѓоковиќ кога го собори рекордот на Роџер Федерер од 310 недели на првото место на АТП листата.
Патиките, произведени од компанијата за спортска опрема „Асикс“, се огласени на веб-страницата на аукциската куќа „Катавики“, а почетната цена за овој артикл наречен „311 недели бр.1“ е 1.500 евра.
Експертите на аукциската куќа проценуваат дека патиките ќе достигнат цена меѓу 5.000 и 15.000 евра.
„Оваа аукција им нуди можност на спортските љубители да купат автентично парче историја. Овој пар патики никогаш не е е носен, тоа не е само сувенир, туку неверојатен дел од историјата. На овој начин сакаме да ја прославиме годишнината на еден од рекордите на легендарниот Ѓоковиќ”, изјави Ана Марија Кровиг.
Во светот има само три пара од овие патики, кои претходно ги продаваше производителот „Асикс“, а сите три беа потпишани од Ѓоковиќ. Еден пар е во сопственост на Ѓоковиќ, а од останатите два, еден сега е ставен на јавно наддавање.
Патиките се нови, никогаш не носени, се чуваат во посебна кутија и немаат конкретен број бидејќи се направени по мерка за да одговараат на стапалото на Ѓоковиќ.
Повод за продажбата е четиригодишнината од рекордот на Ѓоковиќ, кој го собори на 8. март 2021 година, а лицитацијата трае до 11 март.