Извршниот одбор на Меѓународниот олимписки комитет (МОК) го суспендира својот член, поранешниот намибиски атлетичар Френки Фредериск, поради обвинувањата за перење на пари и корупција.
Фредерикс е обвинет дека примил мито во износ од 300.000 долари од синот на поранешниот претседател на Светската атлетска федерација (ИААФ), Ламина Дијака, вооочи гласањето за одредувањето на домаќинот на Олимписките игри во 2016 година.
ИААФ во јули привремено го суспендира Фредерикс кога започна истрагата против него. МОК се реши да го направи истиот чекор, бидејќи како што велат, обвинувањата против Фредерикс го нарушуваат угледот на организацијата.
„Поради сериозноста на обвиненијата, Извршниот одбор реши да го суспендира господинот Френки Фредерикс. Него му се одзема правото да ги користи привилегиите кои ги имаат членовите на Комитетот“, се наведува во соопштението на Извршниот одбор на МОК.
Поранешниот намибиски спринтер поради овој скандал веќе поднесе оставка на челната позиција во Евалуационата комисија за Олимписките игри во 2024 година, а исто така ја напушти и Комисијата која има задача да и помогне на Русија да им се врати на меѓунардоните натпревари.
Фредерикс како преставник на Намибија освои сребрени медали на трките на 100 и 200 метри на Олимписките игри во Барселона во 1992 година, а истиот успех го пофтори четири години подоцна во Атланта.