Top Sport

Фрум и покрај допинг-скандалот фокусиран на Џирото

Додека трае истрагата за неговиот позитивен тест на салбутамол на минатогодишната Вуелта Еспања, Крис Фрум проговори за неговите подготовки за првата голема трка од сезоната, Џиро Д’Италија.

Британецот вели дека не му било сеедно по сите критики кои ги добил, но дека сега се фокусира само на сезоната.

„Не е лесно, посебно пред Џиро Д’Италија. Не сум обвинет за никаков допинг и се надевам дека ќе бидам ослободен од сите обвинувања, бидејќи не направив ништо погрешно. Знам дека луѓето кога ќе слушнат за велосипедизмот и за допинг-средства, ќе кажат: ’еве сме повторно’. Но, мојот случај не е од тоа сценарио. Фрустрирачки е, но не можам да направам ништо. Можам само да се надевам на брзо решение“, вели Фрум во интервју за „Евроспорт“.

Фрум исто така ја знае можноста дека може да ги пропушти Тур де Франс и Вуелта Еспања.

„Мислам дека ќе биде вистинска штета за трката ако актуелниот шампион и четирикратниот шампион не биде на стартот. На Џирото одам на победа, и ја сонувам ’маља роса’, меѓутоа не сум под илузии“, вели Фрум.

Џирото почнува в петок со етапа во Ерусалим.

Фото: ЕПА

Scroll to Top