Top Sport

Гајгер победи на Планица, стана татко, доби КОВИД, па триумфираше во родниот Оберстдорф

Светскиот шампион во скијачки летови, Карл Гајгер се опорави од корона вирусот и успеа да победи во својот роден град Оберстдорф пред Камил Стох и Мариус Линдвик во првото натпреварување од Новогодишната турнеја „4 скокалници“.

Откако не скокаше на последните две натпреварувања од Светскиот куп поради позитивен тест на КОВИД-19, 27-годишниот Гајгер скокна 127 метри и 136.5 метри на славната скокалница Шатенберг за да собере 291.1 поени.

Со ова се комплетира неверојатниот декември за Гајгер – тој прво стана светски шампион на славната Планица на 12 декември, за два дена подоцна да стане татко кога неговата сопруга Франциска се породи со ќеркичката Луиса. Но, потоа дојде позитивниот тест на КОВИД-19, и тој мораше да пропушти две натпреварувања.

Стох, кој за малку немаше да настапи во Оберстдорф откако ФИС прво им забрани на Полјаците да учествуваат поради позитивен тест во нивниот тренинг-камп, го освои второто место со скокови од 125 и 132.5 метри за 288.3 поени за да остане фаворит за трета титула од новогодишната турнеја.

Норвежанецот Мариус Линдвик беше трет со 126.5 и 135.5 метри за 285.2 поени, додека неговиот сонародник Халвор Егнер Гранеруд, кој имаше победа на последните пет натпреварувања од СК, беше само четврти со 280.1 поени (122 и 131 метри).

Второто натпреварување од Четири скокалници е на програмата на 1 јануари во Гармиш-Партенкирхен, Германија.

Scroll to Top