Бранителот на титулата на Вимблдон, Новак Ѓоковиќ, го мина третото коло на турнирот. Српскиот тенисер мина три часа на теренот и го победи Хуберт Хуркач со 3:1 (7/5, 6/7, 6/1, 6/4).
По мечот на прес конференцијата тој одговори и на прашањето на известувачот на Топспорт од Вимблдон, кога ќе ја посети Македонија со оглед дека често изјавува како просторот на поранешна Југославија за него е единствен.
“Се надевам наскоро. Моментално поради обврските кои ги имам со семејството и натпреварувачките не знам колку има време реално да се случи тоа во скора иднина.
Зависи во кој правец ќе оди мојата кариера во иднина. Ако ги намалам турнирите и ако се ослободи некој простор, би сакал да дојдам на Охридското езеро, би сакал да го посетам Скопје, каде никогаш не сум бил. Би сакал да го обиколам целиот регион. Јас реално многу тоа не сум видел а имаме феноменални земји во секој поглед. Природа каква светот може само да посака.
Дефинитивно би сакал да ја направам таа турнеја, можеби тоа ќе се спои со некој спортски или хуманитарен настан.
Со нашата Фондација Ѓоковиќ полека почнуваме да се шириме и надвор од Србија и се надевам дека ќе почнеме да работиме проекти и во регионот. Со Фондацијата сме насочени на предучилишна возраст и градење градинки, и се надевам дека ќе имаме можност и во Македонија да градиме и дека ќе имаме и некои спортски спектакли.
Спортот навистина има сила да ги спои луѓето, и да ги урне границите бидејќи спортот е и универзален јазик кој сите го разбираат.
Така што низ спортот може да се влијае и на мирот во регионот и на меѓусебна почит и разбирање иако тензиите и понатака се големи, особено во одредени периоди од годината.
Раните се уште се свежи од војната. Јас како спортист ја имам таа одговорност и се трудам да ја ширам таа позитивна порака. Фактот што некогаш бевме сите заедно во една земја доволно зборува колку сме блиски” – изјави Ѓоковиќ.
Од Лондон за Топспорт, Ненад Живановски