Top Sport

Ѓоковиќ е „многу загрижен“ од воздухот во Мелбурн

Новак Ѓоковиќ признава дека следејќи ги мечевите од квалификациите за Австралија опен низ чадот во Мелбурн станал „многу загрижен“ за настапите на првиот гренд слем од сезоната.

Актуелниот шампион од Австралија опен во последните години е голем поддржувач на активностите против климатските промени и вели дека тоа што се случува е „трагедија за Австралија“.

„Не е пријатно да се гледа како страдаат многу луѓе од последиците на оваа голема сила што е тешко да се сопре. Природата понекогаш ни покажува колку сме незначајни. Да бидам искрен, бев загрижен тие неколку дена кога траеја квалификациите. Мислам дека Мелбурн беше најзагадениот град на светот“, вели Ѓоковиќ.

Сепак, светскиот рекет број 2 верува во организаторите на еден од неговите најомилени турнири и очекува да нема проблеми од понеделник.

„Имам доверба во Мелбурн, во градот на ’четири годишни времиња’ како што го нарекуваат бидејќи промените се брзи. Еден дожд и малку ветер и небото е чисто. Последните три дена воздухот е навистина свеж. Дали ќе остане така не знам, но сигурен сум дека организаторите се подготвени“, вели 32-годишниот Србин.

Scroll to Top