Top Sport

Ѓоковиќ фуриозно стартуваше во Лондон

Новак Ѓоковиќ фуриозно го започна својот настап на Завршниот мастерс во сезоната. Во „О2“ арената во Лондон Ѓоковиќ за 63 минути го победи Матео Беретини со 6/2, 6/1.

Српскиот тенисер против дебитантот на завршниот турнир во сезоната одигра перфектно. Италјанецот се држеше до резултатот 2:2 во првиот сет, кога Ѓоковиќ влезе во серија и го освои наредните осум гема.

Србинот го доби првиот сет со 6/2 и поведе со 4/0 во вториот. Знаци на живот Беретини покажа во петтиот гем од вториот сет кога направи брејк, намали на 4/1, но не успеа да го потврди брејкот.

Веќе во наредниот гем Ѓоковиќ ја заврши работата.

Ова беше натпревар од „Бјерн Борг“ групата во која вечерва ќе играат Роџер Федерер и Доминик Тим.

Scroll to Top