Top Sport

Ѓоковиќ го губи првото место поради одлуката на АТП

АТП и ВТА одлучија да не ги бројат освоените бодови на Вимблдон оваа сезона, како одговор на одлуката на најпрестижниот тениски турнир во светот, да го забрани доаѓањето на руски и белоруски тенисери оваа година.

Уште во април, Вимблдон објави дека нема да дозволи настап на руски и белоруски тенисери, поради руската инвазија на Украина со помош на Белорусија.

„Сметаме дека секој тенисер мора да има право да учествува на турнирот без било каква дискриминација. Одлуката на турнирот за забрана на руските и белоруските тенисери го нарушува интегритетот на системот за бодување на АТП. Жал ни е, но единствениот чекор што можевме да го направиме беше да се укинат бодовите на овогодинешниот Вимблдон“, стои во официјалното соопштение на АТП.

Најпогоден од ваквата одлука на АТП ќе биде Новак Ѓоковиќ, најдобриот светски тенисер и бранител на титулата на Вимблдон. Ѓоковиќ на тој начин ќе остане без можност за одбрана на 2.000 поени.

Неговите најголеми ривали за тенискиот трон, Русинот Даниил Медведев и Германецот Александар Зверев, минатата година во Лондон освоија по 180 поени, па сигурно е дека Ѓоковиќ по завршувањето на Вилмблдон нема да биде на првото место.

Доколку веднаш се одземат бодовите од Вимблдон, Медведев, кој годинава нема право на настап во Лондон, би имал 7800 бодови, Зверев 6895, а Ѓоковиќ би бил трет со 6660 бодови. Петтопласираниот Рафаел Надал не играше ниту на Вимблдон минатата година, така што нема да загуби ништо.

Scroll to Top