Новак Ѓоковиќ ја започна 369. недела на врвот на АТП листата и со тоа продолжи да го соборува сопствениот рекорд по бројот на недели поминати на првото место.
Откако беше елиминиран во полуфиналето на Мастерсот во Мадрид, Ѓоковиќ загуби 140 поени во однос на претходната листа и сега е прв со 8.260 поени.
Второпласираниот Русин Данил Медведев загуби 90 поени и има 270 поени помалку од српскиот тенисер.
За да остане на првото место до почетокот на Ролан Гарос, Ѓоковиќ ќе треба да стигне барем до полуфиналето на споменатиот Мастерс во Италија, а за да остане прв и по Ролан Гарос ќе мора да ја одбрани титулата.
Прва пречка за Новак Ѓоковиќ на патот до споменатото полуфинале во Рим ќе биде рускиот тенисер Аслан Карачев.
Германецот Александар Зверев и натаму е на третото место и покрај загубата од 400 поени, а зад него се Шпанецот Рафаел Надал и Гркот Стефанос Циципас.
Шампионот на мастерсот во Мадрид, Карлос Алкарас заработи 955 поени и напредуваше за три позиции и сега е шести тенисер во светот, што е најдобар пласман во кариерата на овој 19-годишен Шпанец.
Во Топ 10 и Русинот Андреј Рубљев, Италијанецот Матео Беретини, Канаѓанецот Феликс Оже-Алиасим и Норвежанецот Каспер Руд.