Тенискиот свет вчера го изненади веста дека Горан Иванишевиќ ќе биде тренер на најдобриот светски играч, Новак Ѓоковиќ.
Легендарниот Хрват, победник на Вимблдон во 2001 година, во тимот на Ѓоковиќ влегол на инсистирање на самиот играч.
„Благодарен сум што Горан прифати да соработуваме на Вимблдон. Пораснав гледајќи го како игра на најголемите турнири и навивав за него“, напишал Ѓоковиќ.
„Верувам дека многу луѓе се возбудени поради нашата соработка, а посебно еден човек, шјор Ники Пилиќ. Драг Ники ти благодарам што ми овозможи да му носам ужина и да му ги собирам топчињата на Горан кога тој се подготвуваше за својот поход на Вимблдон во 2001 година. Тоа за мене, како млад тенисер, кој сакаше да биде како Горан, беше остварување на сништата. Сега ги обединивме силите во походот на Лондон“.
Новак Ѓоковиќ лани го освои Вимблдон, а одбраната на титулата ќе ја започне денес од 14 часот против Германецот Филип Колшрајбер.