Новак Ѓоковиќ ќе смее да ја брани титулата од Вимблдон, откако Ол Ингланд клубот потврди дека на учесниците на овогодишниот турнир нема да биде потребно да се покаже доказ за вакцинација против КОВИД-19.
По две хаотични години на најстариот гренд слем, во 2022 нема да има никакви рестрикции поради КОВИД-19, така што на 34-годишниот Ѓоковиќ, кој потврди дека нема план да се вакцинира, нема да му се повтори скандалот во Австралија, кога беше исфрлен од земјата по двонеделна сага. Србинот, кој е шесткратен шампион од Вимблдон, исто така ќе ја брани титулата од Ролан Гарос, откако и францускиот гренд слем се откажа од сите побарувања за вакцинација.
Вимблдон во 2020 беше откажан поради панемијата, додека минатата година имаше ограничувања за бројот на публиката до полуфиналето. Вимблдон 2022 се оддржува од 27 јуни до 10 јули.
Додека за Србинот ќе биде дозволен влез, на турнирот нема да може да учествуваат руските и белоруските тенисери и тенисерки, откако директорот на турнирот, Јан Хјуит потврди дека немале „избор“ при носењето на одлуката и дека се придржувале со препораката на британската влада за „намалување на руското влијание“.