Top Sport

Ѓоковиќ: Не му се лутам на Кирјос, нека зборува што сака

Новак Ѓоковиќ вели дека не му се лути на Ник Кирјос, откако минатиот месец австралискиот тенисер во контроверзно интервју влезе во директен напад на српскиот светски рекет број 1, велејќи дека тој е човек кој е очаен да добива внимание и да биде сакан.

„Да, тој е неверојатен тенисер, шампион во спортот и сигурно ќе го помине Роџер Федерер. Но, зборуваме за човекот кој една година се повлече од Австралија опен бидејќи беше премногу топло. Без разлика колку гренд слема ќе освои, никогаш нема да биде најголемиот. Играв со него двапати и ако не може да ме победи мене, не е најдобриот на светот. Тој секогаш го кажува тоа што го очекуваат од него, сака да биде сакан и никогаш не го кажува своето мислење“, изјави тогаш Кирјос.

Пред одбраната на титулата од Вимблдон, Ѓоковиќ вели дека верува дека Кирјос не е лошо момче.

„Не знам зошто Кирјос ги кажува тие работи. Дали бара внимание или има некој друг мотив. Но, очигледно, сака да е биде искрен и транспарентен. Го почитувам тоа, како и сечие друго мислење. Може да кажува што сака и немам проблем со тоа. Дали ми покажува ист респект како другите тенисери? Не, но тој така зборува овие денови“, вели Ѓоковиќ.

Кирјос има 2-0 скор против Ѓоковиќ, победувајќи го во Акапулко и во Индијан Велс пред две години. Но, Ѓоковиќ на Вимблдон ќе оди на 16-та гренд слем титула, а Австралиецот нема пласман во полуфинале на гренд слем.

„Пред да ме критикува, се сретнав со него на САД опен пред пет години надвор од терените и зборувавме. Тогаш сите го критикуваа за некои работи кои ги правеше и јас му понудив да зборува со мене кога е потребно. И мене ме критикуваа така порано. Нема да губам сон поради него. Не сфаќам што се случи, но нема да го судам“, додава Србинот.

Scroll to Top