Top Sport

Ѓоковиќ: Планинарењето со Јелена ми ја врати силата и довербата (галерија)

Новак Ѓоковиќ вели дека клучот за враќањето на формата оваа сезона бил во планинарењето со неговата сопруга Јелена по слабата прва половина од 2018 година.

Поранешниот светски број 1, се врати со трофеи од Вимблдон и САД опен за да стигне до 14 гренд слем титули, откако имаше драматично паѓање на формата две години по победата на Ролан Гарос во 2016 година.

„Ако морам да изберам еден момент кој ја сврте сезоната, тоа беше по поразот во четврт-финалето на Ролан Гарос. Ми беа потребни четири-пет дена на планина со мојата сопруга. Времето во природата ми помогна да го исчистам умот и да ги ставам работите во вистинска перспектива. Потоа победив на Вимблдон, во Синсинати и на САД опен“, изјави Ѓоковиќ по тренинг во Белград.

Тој се враќа на терените на Мастерсот во Шангај следната недела, и признава дека и самиот бил зачуден од неговиот брз кам-бек.

„Морав да ја сменам мојата игра, посебно сервисот поради операцијата и не очекував толку бргу да се вратам. Бев во непозната ситуација – губев повеќе отколку што победував и кога тоа ти се случува се прашуваш дали си направил вистинска одлука. Сега сум полн со самодоверба и сакам уште гренд слем титули. Се научив да бидам трпелив и сега сум сосема поинаков тенисер и човек од пред три години. Верувам дека можам да го повторам успехот од 2015/16, кога освоив четири гренд слема. Секако! Да не беше така, ќе се откажев“, вели Ѓоковиќ, кој со настапите во Шангај, Париз и Лондон до крајот на годината може да го помине Рафаел Надал на првото место на АТП-листата.

Scroll to Top