Top Sport

Ѓоковиќ предмет на потсмев за тврдењата дека со умот може да ја менува храната

Откако претходните денови беше на удар на јавноста поради ставовите против вакцините, светскиот рекет број 1 повторно беше предмет на потсмев по тврдењето дека со користењето на умот и емоциите може да се менува составот на храната и водата.

Србинот е познат по неговата спиритуалност и промовирањето на алтернативната медицина, како и по соработката со „гуруто“ Пепе Имаз, а во 2018 година изјави дека плачел два или три дена поради повредата на лактот бидејќи чувствувал вина за тоа што го направил на своето тело.

Неодамна, тој изјави дека ќе размисли за тоа дали ќе се вакцинира за корона вирусот кога ќе биде достапна вакцината ако тоа е задолжително за кам-бекот на АТП турнејата, по што дури и неговиот ривал Рафаел Надал му порача дека мора да го стори тоа.

Сега, 32-годишниот Ѓоковиќ при разговор на Инстаграм со неговиот пријател Червин Џафариех, основачот на „иновативниот велнес бренд“ „Симбиотика“, тврди дека со моќта на емоциите и на умот може да се прочисти загадената вода или храна.

„Тоа е нешто што не е поврзано со некоја официјална форма на нутриционизам и начинот на кој треба да јадеш и да пиеш. Знам некои луѓе кои со енергетски трансформации, со моќта на молитвата, со моќта на благодарноста, успеаја најтоксичната храна или најзагадената вода да ја претворат во лековита вода, бидејќи водата реагира. Научниците го потврдија овој експеримент, дека молекулите на водата реагираат на нашите емоции или на тоа што ќе се каже. Треба секој ден да се потсетуваме дека кога ќе седнеме да јадеме треба тоа да го правиме без камери, без телефони, без да гледаме работи. Или уште полошо, да имаш нервозни или конфликтни разговори со твоите блиски додека јадеш“, вели Ѓоковиќ.

Дел од тениските коментатори велат дека тој пренесува опасна порака до јавноста. Мери Карилјо, коментаторка на „Тенис ченел“ вели дека се работи за вознемирувачко интервју.

„Луѓето од Флинт, Мичиген, каде што пијат загадена вода, би сакале да го направат тоа. Знам дека верува во медитација, во молитви, во холистичко лекување, но вознемирена сум од пораката дека токсичната вода може да се претвори во обична вода со умот. Се надевам дека ќе се повлече од тоа“, вели Карилјо.

Популарниот тениски новинар, Џон Вертхајм вели дека Ѓоковиќ има право да оди против конвенционалните норми, но дека треба да биде свесен за последиците.

„Мора да биде внимателен, бидејќи има последици од ова. Многу краток е патот до многу опасни теории на заговор. Како светски број 1, тој има одговорност и дел од тоа е да ја почитува науката и објективната вистина“, вели Вертхајм.

„Телото е мое, сакам да има опција“

Scroll to Top