Top Sport

Ѓоковиќ: Си земаат слобода да ме прашаат дали сум вакциниран

Светскиот рекет број 1, Новак Ѓоковиќ призна дека е можно да го „прескокне“ Австралија опен во јануари, и додаде дека нема намера да открие дали е вакциниран за КОВИД-19, откако околу неговата одлука се крена многу прашина.

Иако претходно српските медиуми објавија дека тој се вакцинирал, српскиот тенисер зборуваше за плановите за Австралија опен во Мелбурн, каде што се очекува австралиските власти да постават одредени услови за настап.

„Засега планирам да играм во Париз, на Мастерс купот во Торино и во Дејвис купот. Ја следам ситуацијата околу Австралија и колку што разбрав, конечната одлука ќе ја донесат за две недели, односно во ноември. Не верувам дека ќе има многу промени од тоа што го знаеме, и ќе има рестрикции“, вели Ѓоковиќ за српски „Блиц“.

Околу можноста вакцината да стане задолжителна како што направија некои клубови во НБА лигата, тој не сакаше да коментира.

„Го имам истиот став како и секогаш. Не сакам да откријам дали сум вакциниран или не. Тоа е лична работа и според нашиот закон, ти можеш да тужиш некого за такво прашање. Многу луѓе си земаат слобода да прашуваат такви работи и да те осудуваат. Што и да одговориш, тие ќе те злоупотребат“, додава Ѓоковиќ.

Scroll to Top