Top Sport

Ѓоковиќ со „судни маки“ обезбеди 51. пресметка со Надал

Новак Ѓоковиќ се врати од сет негатива за со 2:6/6:1/6:3 да му го нанесе вториот пораз во две недели на Кеи Нишикори во четврт-финалето на Мастерсот во Рим и обезбеди дуел со Рафаел Надал, нивни неверојатни 51. во кариерата.

Ако во претходните дуели речиси секогаш било израмнето, сега двајцата тенисери влегуваат во него со различни шанси за успех. Ѓоковиќ се мачи со кам-бекот на тенисот по операцијата на лактот минатата година, додека Надал „гази“ на земја слично како и во 2017 година. Надал во Рим се соочи со домашниот фаворит Фабио Фоњини и тој мораше да се враќа во игра со 4:6/6:2/6:1 победа.

Трет полуфиналист на турнирот на „Форо Италико“ е Марин Чилиќ, кој со 6:3/6:3 го совлада Пабло Карењо-Буста и сега го чека подобриот од дуелот Александер Зверев-Давид Гофан за второто полуфинале.

Кај дамите, Марија Шарапова по подолго време се пласираше во едно полуфинале, откако Русинката во епска пресметка со 6:7(7)/6:4/7:5 ја совлада актуелната шампионка од Ролан Гарос, 20-годишната Летонка Јелена Остапенко.

Во полуфиналето Маша ќе игра со Романката Симона Халеп, која со 6:2/6:3 ја совлада Каролине Гарсија за да остане најголем фаворит за трофејот.

Во второто полуфинале ќе се судрат Украинката Елина Свитолина и Естонката Анет Контавеит. Свитолина со 6:4/6:4 ја победи поранешната светска тенисерка број 1, Анџелике Кербер, додека Контавеит со 6:3/6:1 ја „збриша“ шампионката од Австралија опен, Каролине Вознијацки.

Фото: ЕПА

Scroll to Top