Новак Ѓоковиќ се огласи во јавноста по дисквалификацијата од Ју-Ес опен. Првиот носител на турнирот во финишот на првиот сет против Пабло Карењо-Буста со топче погоди еден од линиските судии.
Организаторите ја разгледуваа ситуацијата десетина минути, а потоа донесоа одлука да го дисквалификуваат од турнирот.
„Целата оваа ситуација направи да се чувствувам тажен и празен. Проверив како се чувствува линискиот судија и според информациите што ги добив, таа е добро, фала му на Бога. Нејзиното име не можам да го откријам, морам да ја заштитам нејзината приватност. Жал ми е што и предизвикав таков стрес. Беше погрешно тоа. Сакам ова непријатно искуство, дисквалификацијата од турнирот да го претворам во важна животна лекција и да продолжам да се развивам како човек, но и како тенисер. Им се извинувам на организаторите на Ју-Ес опен. Благодарен сум на моето семејство и мојот тим. Благодарен сум им намоите навивачи за поддршката. Беше ова тежок ден за сите нас“, напишал Ѓоковиќ.
Поради дисквалификацијата Жоковиќ остана без поените што ги освои со пласманот во осмина-финалето, а исто така остана и без наградниот фонд. Пласманот во осмина-финалето на Ју-Ес опен носи околу 250.000 долари.