Иранскиот кревач на товар, Киануш Ростами го постави на аукција своето злато освоено на Олимпијадата во Рио де Жанеиро во 2016 за да собере пари за жртвите на минатонеделниот катастрофален земјотрес во близината на границата на Иран со Ирак.
26-годишниот Ростами освои злато во категоријата до 85 килограми. Западната Керманшах покраина на Иран е најсилно погодена, откако повеќе од 400 луѓе го загубија животот, а над 8.000 се повредени. Ростами е по потекло од Керманшах.
„Секој чекор, колку и да е мал помага. Го враќам моето злато од Рио, бидејќи тоа припаѓа на мојот народ. Сите средства ќе одат на тие кои се погодени“, напиша Ростами на Инстаграм, додавајќи дека не можел да спие по земјотресот.
Ростами, кој е етнички Курд, исто така се обиде да контактира со други познати ирански спортисти да помогнат на погодените.
Али Даеи, поранешниот капитен на иранската фудбалска репрезентација, исто така се вклучи во добротворната акција, како и Сарех Џаванмарди, параолимписката шампионка во стрелаштво, која исто така го постави своето злато на аукција.