Top Sport

„Ѓоковиќ би можел да се збогува со тенисот по Игрите во Париз“

Марк Печи, поранешен британски тенисер и поранешен тренер на Енди Мареј, зборуваше за Новак Ѓоковиќ и можноста тој да се пензионира по Олимпијадата во Париз оваа година.

Ѓоковиќ не е во добра форма од почетокот на сезоната, има две полуфиналиња и два порази во трето коло на мастерсите, па многумина зборуваат за можноста наскоро да се пензионира.

Марк Печи го спореди со Пит Сампрас и најави дека очекува Ѓоковиќ да се пензионира по Олимпијадата во Париз.

„Дали некој сè уште верува дека Новак ќе има голем обид на Олимписките игри за тој еден трофеј што го нема и потоа ќе се збогува со тенисот? Тој почнува да ги има оние вибрации на Пит Сампрас од 2002 година. Тој сè уште е меѓу фаворитите за Ролан Гарос и Вимблдон, но за да биде толку голем толку долго бара невидена жртва“, напиша Марк Печи.

Британецот потсети на деновите кога Сампрас се обидуваше да остане на врвот по освојувањето на 13. Грен слем во 2000 година на Вимблдон. Американецот се пензионираше две години подоцна, откако го освои 14. Грен слем трофеј на УС Опен. После тоа, тој не играше 12 месеци, за да го потврди своето пензионирање во летото 2003 година, пред турнирот во Њујорк.

Ѓоковиќ моментално има 24 Грен слем трофеи, но го нема олимпиското злато кое долго и многу го посакува.

Scroll to Top