Новак Ѓоковиќ се пласираше во второто коло на Отвореното првенство на САД. Србинот одигра меч со многу осцилации, но во три сета со 6:1, 7:6, 6:2 го победи Американецот Лернер Тиен.
Ѓоковиќ е единствениот тенисер во опен ерата кој забележал 75 последователни победи во првите рунди на Гренд слем турнирите.
Се чинеше дека по првиот сет Ѓоковиќ ќе го декласира Американецот бидејќи стигна до 6:1 за 24 минути.
Сепак, следниот сет беше загрижувачки за фановите на Новак и веројатно ги натера обложувалниците да ги променат коефициентите за неговата 25-та титула на ГС.
Ѓоковиќ многу осцилираше, невообичаено често правеше грешки, се мачеше и на свој сервис и на сервисот на својот ривал. Тиен го искористи ова и со поддршка од публиката и неговиот ментор легендарниот Мајкл Ченг, кој за прв пат се појави во ложата на овој тинејџер, се ослободи од притисокот и стравот и играше храбро.
Тој го диктираше темпото и дури имаше три шанси за брејк на 3:2, но не ги искористи. Потоа имаше сет-топка, но Ѓоковиќ и неа ја спаси, па сетот замина во тај-брејк.
А во 13. игра се случуваше вистинска драма. Во првите шест поени беа видени шест мини-брејкови, Ѓоковиќ тешко се движеше, го истегна грбот, често гледаше кон својата ложа и конечно успеа да го „скрши“ отпорот на противникот и да го добие сетот.
Потоа повика медицинска помош, но се покажа дека не го мачи грбот, туку плускавците што ги „влече“ уште од Ролан Гарос.
Иако Тиен направи брејк во првиот гем во третиот сет, Ѓоковиќ дојде до здив, го забрза ритамот и експресно докде до 5:1.
Потоа легендарниот тенисер повторно паѓа, Тиен спаси меч-топка и направи брејк, но Ѓоковиќ повторно возврати со брејк и го заврши мечот.
Во второто коло го чека уште еден Американец, 143-от играч во светот Закари Свајда.
Foto/ EPA/BRIAN HIRSCHFELD