Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ проговори за Олимписките игри на кои го постигна најголемиот успех и го освои златниот медал.
Ѓоковиќ долго време се обидуваше да дојде до олимпиското злато, тоа му успеа на залезот на кариерата, пред еден месец во Париз.
Првите Олимписки игри на кои настапи Новак беа во Пекинг во 2008 година, каде што го освои бронзениот медал. Потоа не успеа во Лондон, Рио и Токио, а поразот во Јапонија во полуфиналето од Александар Зверев го окарактеризира како еден од најтешките во кариерата.
„На првите Олимписки игри освоив бронза, а потоа двапати играв полуфинале, каде загубив, но бев блиску до победа. Имав сет и 3:2 и сервис против Зверев во Токио, а потоа наеднаш застанав, бев истрошен. Потоа следниот ден не можев да играм за бронзата. Тоа е најтешкиот пораз, тој и оној против Дел Потро во првото коло на ОИ во Рио. Не можев да се опоравам од тоа со денови и недели. Остави трага и лузна. Целата моја олимписка кариера, она што се случуваше пред Париз беше воведот, придонесе ова олимписко злато и успех да го доживеам како најголем во кариерата и можам да го кажам тоа“, изјави Ѓоковиќ за „Блиц ТВ“.