Top Sport

Ѓоковиќ тргна кон осмата титула на Вимблдон со убедлив триумф во првото коло

Новак Ѓоковиќ немаше проблеми со противникот во стартната рунда од тенискиот гренслем Вимблдон. Го совлада Аргентинецот Педро Качин во три сета и си обезбеди место во вторoто коло.

Првиот и вториот сет, бранителот на трофејот ги доби со идентични 6:3 во гемови, додека во третиот сет, Качин пружи посилен отпор и го принуди фаворитот на тај-брејк кој му припадна на српскиот тенисер со 7:4 на поени.

Во следното коло, Ѓоковиќ ќе игра против Австралиецот Џордан Томпсон кој во стартното коло, со пресврт, забележа победа од 3:2 во сетови над Брендан Накашима.

Поради дожд, мечот беше во прекин околу 80 минути. Прво мораше да биде спуштен покривот, а потоа и тревата не беше во добра состојба, па организаторот ја поправаше ситуацијата со три сушалки за трева.

Ѓоковиќ е во обид да ја освои осмата титула на Вимблдон со што би се израмнил со Роџер Федерер, а го брка и 24. трофеј од најголемите турнири.

 

 

Scroll to Top