Top Sport

Ѓоковиќ во елемент, го елиминира Зверев на Ролан Гарос

Новак Ѓоковиќ 12.пат во кариерата ќе игра во полуфиналето на Ролан Гарос. Во последното четвртфинале на вториот гренд слем во сезоната, Ѓоковиќ, по три часа и 17 минути, го победи третиот носител Александар Зверев со 3:1 (4:6, 6:3, 6:2, 6:4).

Српскиот тенисер го загуби првиот сет, но потоа влезе во својата „зона“ и целосно тактички го надигра германскиот тенисер. Клучниот удар што му ја донесе победата на Ѓоковиќ беше дроп-шот што го одигра речиси беспрекорно.

Како што одминуваше натпреварот, Зверев ја губеше енергијата. Најголемиот пад во играта на Германецот се виде од средишницата на третиот и раната фаза од четвртиот сет. Ѓоковиќ нанижа шест гема, вклучувајќи го и првиот во четвртиот сет со кој си го трасираше патот до победата.

Ѓоковиќ одржуваше континуитет во својата игра, доста високо ниво на тенис и го користеше секој удар на вистински начин.

Сепак, ќе мора да има нешто повеќе во следната рунда. Ѓоковиќ ќе игра против играчот број еден во светот, Јаник Синер.

Scroll to Top