УФЦ шампионот во лесна категорија, Хабиб Нурмагомедов отфрли секоја можност да соработува со властите на американската држава Невада за да му се намали суспензијата, бидејќи тоа е држава каде што проституцијата и коцкањето е дозволено.
Дагестанецот доби казна од 500.000 долари и девет месеци за пресметката надвор од рингот со луѓето на Конор Мекгрегор по победата на УФЦ 229 во Лас Вегас во октомври. Во „пресудата“ се вели дека оваа казна ќе биде намалена на шест месеци доколку тој сними видео-порака за кампањата против насилство на полицијата на Лас Вегас.
Непоразениот шампион нема таква намера.
„Тие велат дека треба да учествувам во социјална кампања. А, државата Невада е место каде што се дозволени дрогата, проституцијата и коцкањето. Самите нека работат на своето однесување. Имаше фајтери кои не влегоа во октагонот две години и никој не им ги зеде појасите, а сега нема да тераат правда на мене. Јас сум подготвен уште утре да влезам во рингот, но тие ме казнија“, вели Нурмагомедов при посета на сибирскиот град Нижњевартовск.