УФЦ шампионот во лесна категорија, Хабиб Нурмагомедов вели дека е „80 отсто сигурен“ дека неговата следна одбрана на титулата ќе се случи во Русија, со два фудбалски стадиони како можна опција за рекордна заработувачка.
Нурмагомедов ја одбрани титулата со победа над Американецот Дастин Поаире на УФЦ 242 во Абу Даби овој месец за да го подобри скорот на 28-0, и сега во интервју за рускиот „Канал 1“ вели дека преговара за својот следен меч.
„Разговараме со УФЦ, но мојата најголема желба е да се борам во Русија. Во Санкт Петербург ја имаме ’Газпром арената’ на затворено, а во Москва тука е ’Лужники’. Бев таму на финалето на Светското првенство кога врнеше, што може да е проблем за УФЦ меч. Во Санкт Петербург имаме стадион со 75.000 луѓе и мислам дека ќе биде полно. 80 отсто сум сигурен дека тоа ќе се случи“, изјави 30-годишниот Нурмагомедов.
Сегашниот рекорд на УФЦ за посетеност е 56.000 гледачи, поставен во 2015 во Мелбурн, кога Ронда Раузи и Холи Холм ја имаа својата пресметка на УФЦ 193.