Top Sport

Хабиб: Роналдо е многу покул од Меси

На Кристијано Роналдо му било „здодевно“ во Италија пред враќањето во Манчестер јунајтед и тој е далеку „покул“ од неговиот вечен ривал Лионел Меси, смета блискиот пријател на Португалецот, УФЦ легендата Хабиб Нурмагомедов.

Петкратниот освојувач на „Златната топка“, Роналдо помина три сезони во Јувентус, освојувајќи две титули од Серија А и една од Копа Италија, но на престојот се гледа како неуспех поради слабите настапи во Лигата на шампионите. Хабиб, кој неодамна откри дека пред месец дена дознал лично од Роналдо дека ќе се врати во Манчестер јунајтед, сега ги открива мотивите за трансфер.

„Не сакам да ги покажувам личните пораки, но на Роналдо му беше здодевно во Италија и сакаше назад во Англија. Јас исто така не го сакам многу италијанскиот фудбал, додека кога има Премиер лига секогаш можеш да гледаш шоу без разлика кој игра. Кристијано е многу покул од Меси, тоа е сигурно. Меси е еден од најдобрите во историјата. Но, ако во играта се еднакви, тогаш харизмата го става Кристијано на прво место“, вели 32-годишниот Нурмагомедов.

Тој исто така е познат како фан на „оригиналниот“ Роналдо, бразилската ѕвезда Роналдо Луис Назарио де Лима.

„Моето детство е во знак на Роналдо, така што ќе ги изберам двајцата. Цел живот го гледав Роналдо како игра, иако немаше долга кариера и постојано се повредуваше. Од 1996 до 2005, само седум-осум години беше на врвот. Кристијано е на врвот 17 години. Во 2004 тој играше финале на Европско првенство, а сега е 2021! Нема таков феномен во фудбалот. Меси беше најдобар околу 12 години, а Кристијано дури 17. Многу е покул“, додава Нурмагомедов.

Scroll to Top