Двократната шампионка од Ролан Гарос, Марија Шарапова го мина второто коло на гренд слем турнирот, откако со 7:5/6:4 ја совлада Хрватката Дона Векиќ и обезбеди дуел со шестата носителка Каролина Плишкова.
Откако двете тенисерки направија по два брејка во првиот сет, Шарапова во 12. гем го постигна клучниот брејк за да го освои сетот. Таа потоа направи предност од 5:2 во вториот сет, но пропушти пет меч-топки на сервис на Векиќ пред конечно да го комплетира мечот.
Чехинката Плишкова пак, се врати од сет негатива за 3:6/6:4/6:1 победа над сонародничката Луцие Шафарова. Плишкова лани стигна до полуфиналето на турнирот.
Светската тенисерка број 1, Симона Халеп исто така е во третото коло по релативно лесната 6:3/6:1 победа над Американката Тејлор Таунзенд, за да обезбеди меч со Германката Андреа Петкович.
Шампионката од 2016 година, Гарбиње Мугуруза беше пресилна за Французинката Фиона Феро за 6:4/6:3 победа и следна за неа е поранешната гренд слем шампионка, Саманта Стосур.
Фото: ЕПА