Романската гренд слем шампионка Симона Халеп вели дека човештвото се наоѓа пред многу тежок период и по сопирањето на епидемијата на корона вирусот, и признава дека не знае како ќе се одвива нејзината кариера по принудната пауза.
„Пред нас е огромна економска криза и ќе биде многу тешко за многу луѓе. Најважно е да останеме смирени и да не си мислиме дека ова ни се случува само на нас. Се случува низ цел свет и мораме да го преживееме моментот“, вели Халеп во интервју за романската ТВ.
Таа признава дека не знае како ќе влијае долгата пауза на тенисерите.
„Сигурно ќе биде поинаков свет. Знам дека за мене ситуацијата има многу голем емоционален ефект, но не сум сигурна дали ќе влијае позитивно или негативно кога ќе се вратам на теренот. Сепак, принудната пауза ме натера да не размислувам многу за материјалната страна на работите“, вели Халеп.
Халеп донираше 30.000 евра на романското здравство за борбата против корона вирусот.
„Кога со моето момче Тони видовме колку е тешко за сите засегнати, двајцата решивме да донираме. Сумата не е важна, но парите доаѓаат од срцето и не сакам да зборувам за тоа многу“, додава Романката.