Top Sport

Халеп ја „среди“ едната сестра Вилијамс, сега ја чека другата!

Светската тенисерка број 1, Симона Халеп, конечно, го покажа своето вистинско лице, победувајќи ја ветеранката Венус Вилијамс со 6:2/6:3 за да го мине третото коло на Австралија опен, и да закаже „состанок“ со помладата сестра Серена, која претходно ја помина Дајана Јастремска.

Романката не импресионираше во првото и второто коло во Мелбурн, посебно во мечот против Американката Софија Кенин откако се врати на терените по скратената сезона 2018 поради повреда на грбот.

Против Венус, таа направи два брејка во лесниот прв сет, пред во вториот двете тенисерки да го загубат својот сервис. Сепак, Романката потоа направи брејк за 4:3 водство, и уште еден за комплетирање на мечот.

Двократната гренд слем шампионка, Шпанката Гарбиње Мугуруза со 7:6(5)/6:2 ја победи Швајцарката Тимеа Бачински, а Александер Зверев, исто така е во четвртото коло, по доминантната 6:3/6:3/6:2 победа над Австралиецот Алекс Болт на „Род Лејвер арената“. 21-годишниот Германец обидот да го освои првиот гренд слем трофеј ќе го продолжи против Канаѓанецот Милош Раонич.

Фото: ЕПА

Scroll to Top