Top Sport

Хаос на Австралија опен поради ужасниот воздух во Мелбурн

Словенечката тенисерка Далила Јакуповиќ мораше да се откаже од квалификациите за Австралија опен, откако поради лошиот квалитет на воздухот почна неконтролирано да кашла. Јакуповиќ се повлече во вториот сет од мечот со Швајцарката Штефани Фегеле и призна дека едноставно не можела да продолжи.

„Беше навистина лошо. Никогаш не сум имала вакво искуство и се плашев дека ќе колабирам бидејќи немав сила во нозете“, изјави Јакуповиќ.

Квалификациите беа одложени еден час, а тренинзите беа привремено забранети на терените на Мелбурн парк поради лошиот квалитет на воздухот. На луѓето во Мелбурн им се советува да останат дома и да не излегуваат надвор без потреба откако во воздухот има премногу чад од катастрофалните пожари кои овој месец ја потресоа Австралија.

Канаѓанката Јуџини Бушар исто така го прекина својот квалификациски меч против Кинеската Ју Ксиаоди, жалејќи се на болки во градите, но се врати на теренот и победи со 4:6/7:6/6:1.

Егзибицискиот меч помеѓу Марија Шарапова и Германката Лаура Зигемунд беше прекинат при 7:6/5:5 водство на Зигемунд откако двете тенисерки се пожалија на воздухот.

„Почнав да чувствувам потреба за кашлање на крајот на вториот сет, но бидејќи бев болна последните неколку недели мислев дека е поради тоа. Но, кога ја слушнав Лаура како зборува со судијата, сфативме дека е преопасно“, изјави Шарапова.

Scroll to Top