Ивандер Холифилд признава дека сакал веднаш да му се одмазди на Мајк Тајсон кога лутиот ривал му одгриза дел од увото во нивниот втор меч во 1997 година и тоа со гризење на образот, но вели дека решил да не го направи тоа поради репутацијата на боксот како спорт.
Тајсон се обидуваше да ја врати својата ВБА титула во тешка категорија, откако една година претходно Холифилд го победи на поени во Лас Вегас, но мечот заврши на најконтроверзен начин, откако во третата рунда му одгриза дел од увото.
„Тој ме гризна на увото… Тоа беше нешто што не мислев дека е возможно. Никој не помислува на такво нешто во боксерски меч. Дури кога ми ја покажаа снимката видов како се доближи и како дојде до увото. Се сеќавам дека бев многу вознемирен и сфатив дека и јас треба да му вратам и да го гризнам по образот. Но, дел од мене знаеше дека тоа е погрешно, а мојот човек во аголот, Тим Холмарк ми кажа пред мечот: ’Тој ќе ти направи нешто да ја загубиш контролата’. Сакав да го гризнам на образот! Му го кажав тоа на Мајк и тој не ми веруваше. Но, сфатив дека со таков крај којзнае што ќе се случеше со боксот, двајцата најдобри момци се гризат“, вели Холифилд.
Тајсон подоцна тврдеше дека гризењето беше одмазда за ударот со глава од Холифилд, иако судијата на мечот одлучи дека тоа било случаен удар.
Сега, 23 години подоцна, шпекулациите велат дека двајцата стари ривали повторно ќе влезат во рингот, Тајсон на 53, а Холифилд на 57 години.