На Русија нема да и биде дозволено да настапи на Зимските олимписки игри во Пјеонгчанг во февруари, објави Интернационалниот олимписки комитет (ИОЦ), иако додаде дека „чистите“ спортисти ќе можат да настапуваат како неутрални.
Одлуката на ИОЦ доаѓа по обвинувањата дека постоен државен систем за допингување на претходната Зимска олимпијада во Сочи во 2014.
Претседателот на ИОЦ, Германецот Томас Бах и неговиот борд, дојдоа до оваа одлука по извештајот по 17-месечната истрага која ја предводеше поранешниот швајцарски претседател Самуел Шмид. Рускиот олимписки комитет е суспендиран, но ИОЦ објави дека ќе ги покани „чистите“ спортисти да се натпреваруваат под неутрално знаме и под име „Олимписки спортист од Русија“ (ОАР).
И покрај демантирањето на руските власти, во извештајот на Шмид се вели дека постојат докази за „систематско манипулирање на анти-допинг правилата и системот“, што се надополнува на претходното обвинение од Светската анти-допинг агенција (ВАДА) од минатата година.
„Ова е невиден напад на интегритетот на Олимписките игри и на спортот. Со ова треба да ставиме линија под оваа штетна епизода која мора да се искористи како иницијатор на поефективен анти-допинг систем“, изјави Бах по состанокот во Лозана.
Истрагата започна од Григориј Родченков, поранешниот директор на анти-допинг лабораторијата во Москва во текот на Сочи 2014. Тој тврдеше дека постои систематски програм за допинг и дека креирал „коктели“ од супстанции за спортистите и дека менувал примероци урина за да се избегнат позитивни тестови.
По ова ВАДА го ангажираше канадскиот професор по право, д-р Ричард Мекларен да ги разгледа обвинувањата, и во тој извештај се тврди дека 1.000 спортисти од 30 спорта биле дел од допинг-програмата меѓу 2012 и 2015 година. ВАДА ја доби и базата на податоци на руската лабораторија која ги потврдува овие обвиненија.
Ова е голем удар за угледот на рускиот спорт, пред Русија да биде домаќин на Светското првенство во фудбал во јуни следната година.