Боксот може да биде исфрлен од следните Олимписки игри во Токио во 2020 година доколку Интернационалниот олимписки комитет (ИОЦ) не добие задоволително решение на финансиските и управувачките проблеми во Светската аматерска боксерска федерација (АИБА), предупреди претседателот Томас Бах.
Зборувајќи во Пјеонгчанг на една недел пред стартот на Зимската олимпијада, Бах призна дека е „екстремно загрижен“ околу проблемите на АИБА.
„ИОЦ го заддржува правото да не дозволи боксот да биде вклучен на Младинската олимпијада во 2018 и во Токио во 2020. Ќе ги замрзнеме сите односи со АИБА . Не сме задоволни со нивниот извештај и ќе спроведеме наша анализа“, вели Бах.
Во АИБА се води лута битка за контрола на спортот откако поранешниот претседател Ц.К. Ву беше суспендиран во ноември по несогласувањата со извршниот комитет. АИБА го именуваше Узбекистанецот Гафур Рахимов како преоден претседател минатата недела, откако поднесе оставка Франко Фалчинели. ИОЦ во 2004 година заддржа над 1 милион долари од ТВ-правата за АИБА по судскиот скандал на Олимпијадата во Атина таа година.